Соња Христовска Угриновска реагира на последните изјави на бугарскиот претседател Румен Радев кој лажно ја обвини Македонија дека по втората светска војна во логори убивала Бугари.

Новинарката открива мачни моменти од семејната историја во која нејзиниот дедо бил интерниран од Македонија во бугарски работен камп каде минал околу 18 месеци по што пешки се вратил во родното село.

,,Година и пол дедо ми бил роб во бугарски работен фашистички логор, Румене Радев!

Претседател, а обичен лажго”, пишува Христовска за бугарскиот претседател со видлива доза на емоции за маките на нејзиниот дедо кој доживеал пекол во Бугарија по интернацијата од бугарската фашистичка војска.

,,Значи, 1943 година, татко ми само што се родил. Дошле бугарски војници во селото, ги собрале мажите и ги однеле во логор во Бугарија на тешка принудна работа!

Да им градат инфраструктура, да им ринтаат по полињата. Гладни, измачени, соочени со сурови нелуѓе.

Година и пол ропство.

По ослободувањето 1945 година дедо ми и група логораши пешки се вратиле дома, они само си знаат како успеале. Биле коски и кожа, кога ги ослободиле ги предупредиле да не јадат нагло храна. Некои умреле затоа што не можеле да се воздржат да се насладат на храната што милостиви селани им ја давале по пат. Дочекале слобода, ама си умреле од лепче…”, раскажува новинарката која жали што малку знае за маките на дедо и, кој умрел кога таа била мала.

,,Ама знам дека никој не може да ја нарекува Македонија фашистичка, ниту да треска за убиени Бугари во измислени македонски концентрациски логори, Бугарину Радев!

Ако немаме власт што има храброст да ви рече, еј Бугари, па доста е, имаме антифашистички народ, задоен во антифашизам и не може никаков инженеринг да не побугарчи, особено не ваков беден, што го сервира бугарската државна врхушка.
Доста е!”, стои во потресниот пост на Христовска Угриновска која потсетува на делови од македонско – бугарските историски односи за кои малку се зборувало во Македонија а уште помалку во Бугарија.

Во време на втората светска војна освен за македонските ,,Пленици” бугарските фашистички власти отвориле работни логори и за Евреите од оваа земја кои не биле испратени во логорите на смртта.

Над 7100 македонски Евреи никогаш не се вратиле од логорите во кои биле испратени со возови на Бугарската железница врз основа на списоци направени од бугарските окупатори на Македонија.