Не постои сценарио според кое НАТО би испратил свои сили во Украина, изјави за новинарите генералот на германската армија.
Во интервју за Велт, генералот Еберхард Зорн одговори негативно на прашањето дали НАТО може да интервенира во Украина доколку Русија употреби оружје за масовно уништување против таа источноевропска земја.
Тој нагласи дека „тоа што го кажаа германскиот сојузен канцелар и американскиот претседател Џо Бајден“ се уште важи, односно дека „во никој случај нема да ги распоредиме нашите сили на украинска територија“.
Германскиот генерал изјави дека планирањето на руската воена операција во Украина е погрешно, бидејќи командантите направиле големи логистички грешки.
Зорн, исто така, предвиде дека конфликтот во Украина се повеќе ќе се претвора во борби во герилски стил. Сепак, таквиот развој на настаните би значел уште повеќе цивилни жртви, додаде тој, пренесува RT на руски.
Запрашан дали Украина има шанси против Русија, Зорн одби да шпекулира за исходот од конфликтот.
Едно нешто што најверојатно ќе се случи, според германскиот генерал, е поделбата на Украина на неколку држави, што ќе доведе до ќор-сокак.