Листам низ досието на Никола Маркоски. Отварам стари рани од излитени страници спрпелани и запрашени, зафрлени некаде по лимените касети на државниот архив.
Нозе и раце ми се тресат додека чекорам кат по кат на старата институција полна со тајни и предизвици.
-Ќе треба да се искачите до 8-ми, не работи лифтот рече редарот
– Да, ќе се снајдам некако
– Oдговорив.
Трепетот и ладна пот ме облеаја додека стигнав до архиварите.
-Повелете, што може да направиме за вас? – Растрепери гласот на младолика девојка.
-Дојдов по досието на дедо ми. – поспано и ладнокрвно одговорив.
Се слушаше ехото на чекорите и арогантните неподносливи звуци на старовремските машини за куцање, вработените се беа разработиле за да го прослават својот јубилеј на архивот. Талкајки низ системот на стотици илјади информации младата девојка го пронајде досието.
-Тука е, запишан бил со в во презимето, го пронајдов (се обрати кон мене) не знаејќи каква тежина за мене и за моето семејство носи тој склоп на стотина листа.
Архиварката се изгуби за кратко, а мене поливина час ми помина како 5 секунди, здрвен и западнат во размислувања, во главата го чувствував пулсирањето на крвотокот. Архиверката донесе една преполна папка на која се наѕираше името на Никола Петков Маркоски.
-Многу брзо се снајдовте госпоѓо
– Уф… се наголтав прашина, конкретниот одел на информбировците со години не беше отворен (одговори таа)
– Кој е човекот, што ви е вам и за што го осудиле? – Ме запраша
– Дедо ми е тоа, немав прилика да го запознаам, а крајот на приказната никогаш не го дознав (одговорив)
Почна да го разотвара досието за да ги стави печатите, а јас за момент, како да останав без крв во телото, испадна слика од дедо ми окелавен како што доликува на еден затвореник, помодрен и потечен во усните, УДБА удирала додека мрдал, го сликале таков превоспитан и претепан. Ова не е човекот за кого толку тажеше баба ми.
Лист по лист, печат по печат, досието го затворија и ми го предадоа. Заминав од таму со својата семејна историја, присетувајки се на последните мигови на баба ми која толку многу зборуваше за Никола Маркоски од Покса, дојдена од Грамос преку Трстеник во Крушево.
ПРОЦЕСОТ НА ИНФОРМБИРОВЦИТЕ
Ретко кој зборува, ретко кој знае, ретко кој слушнал, меѓутоа старите крушевчани помнат како еден по еден од страна на УДБА, од дома биле киднапирани крушевските информбировци.
Се се случува во почетокот на 50-тите години, после победата на фашизмот како низ цела Македонија така и во Крушево безмилосно биле апсени неистомисленици и противници на комунистичкиот режим. Крушево изобилува со настани, како за време пред и пост илинденскиот период, така и за време на окупацијата и после падот на истата. Крушевските информбировци се една организирана група наклонета кон сталинизмот и тоа е причината и нивната вина што повеќето од нив завршиле во затвор, а дел од нив и никогаш повторно не ја почувствувале слободата. Воглавно млади луѓе, партизани, членови на НОБ, младичи кои учеле од Брашнаров, од Пирузе кои соработувале со Шарло, учесници во ударот врз фашистичкиот окупатор, луѓе кои за време на војната спијеа по крушевските планини, крушевчани кои ја делеа цигарата и кои се хранеа во гората.
Ова што ќе го раскажам е дел од моето семејно досие, ова се страдања на еден 28 годишен човек, политичка жртва на системот.
На актот му претстои добро организирана удбашка мрежа која ги следела дури и на спиење. Под огромен притисок од оперативците и ѕврско тепање кое траело со часови биле изнудувани изјави кои ги поврзале еден со друг. Првиот за кого од лични причини нема да го спомнам името е уапсен откако локалните оперативци на УДБА евидентирале пренос на советски радио станици во неговиот занаетчиски дуќан. Откако крвнички бил претепан напоменатиот, по негово принудено сведочење се ределе и останатите еден по еден.
Групата била организирана од Војне Павловски, наречен одметнат партизан кој го гонела УДБА поради соработка со службите на советскиот сојуз. Војне пребегал во Албанија и често нелегално ја поминувал албанската граница кружејки и сокривајки се низ крушевските планини, од каде според УДБА ја координирал групата на информбировци во Крушево.
Согласно лажната конструкција на УДБА, Војне добил огромни пари за да изврши пуч во Крушево кога СССР ќе ја нападне Југославија, а крушевските информбировци требало да се приклучат на акцијата. Низ цела Македонија биле тоа слични конструкции на УДБА, каде со вон хумани алатки се направени злосторста врз човештвото, се со цел да се задоволат апетитите на Маршалот во неговиот конфликт против Сталин и сталинистите.
Актот, приведувањето и судењето на крушевските информбировци се случува пред почеток на зимата 1951 година. Пред судењето и приведувањето на дедо ми Никола Маркоски, наводно член на групата, во мојот дом претстои огромна кавга, каде баба ми се нафрлила врз него дека крие нешто големо, а до нејзините сомнежи дошло откако соработникот на дедо ми, додека тој бил на лов донел два пиштоли едниот Валтер а другиот Парабол и одредена сума на пари и побарал од баба ми истите да бидат предадени на Никола не известувајки ја за што станува збор.
Неколку часа баба ми тлеела над пиштолите и ќесето со пари чекајки го дедо ми да се врати. Кога се појавил на врата се нафрлила врз него прашувајки го што крие и зошто му се пиштолите почнувајќи да плачи. Дедо ми се бранел и ја лажал дека пиштолите и парите се чин на другарство и истите ќе ги искористи за ловната сезона затоа што е голем фанатик на оружје, што секако баба ми не поверувала и следните денови упорно го следела што прави и каде се движи.
Поминале неколку дена и заедно двајцата биле на гости кај мајката на баба ми каде истата зела поглема сила и го нападнала Никола кажувајки дека нешто планира во позадина, и се расплачила мислејќи дека ќе биде уапсен исто и како нејзиниот брат. Во тој момент дедо ми веќе индирекно признал дека нешто тајно се случува и во излив на нервоза истакнал дека е возрасен и знае што прави, при што ја треснал вратата од надвор.
Прво оптужен во целата акција е крушевчанецот Сотир Борјар внук на големиот илинденец Тоду Борјар кој го изработи црешовото топче и тој е човекот кој ги донел пиштолите во домот на дедо ми Никола. Откако дознава што се се припрема еден од групата информбировци Јане Херту и дека им се припремаат огромни затворски казни, се самоубива со струен удар кој го предизвикал самиот. Борјар, дедо ми Никола и Јоше Миленковски продолжуваат со наводните средби согласно архивите на УДБА.
Еден од наредните денови Борјар го повикува дедо ми и го известува дека ке замини на одреден период во некоја од земјите кои биле членки на Информбирото за да се информира за понатамошни чекори на делување, давајки му информации и лозинка за негов привремен надимак во случај да некој од соработниците на СССР дојде и го побара, да произнесе информации само доколку го слушне тајниот надимак.
Според информациите со кои Сотир располагал, Никола требало да замине во Охрид и Ресен и да провери каква е состојбата со оние кои ја прифатиле резолуцијата и со какво оружје располагаат.
Борјар се вратил после неколку дена на 15.2.1951 и случајно се сретнале со дедо ми Никола. На таа средба го инфоримирал дека бил многу болен, за да по 2-3 дена кога дедо ми се посомнева и повторно од во неговиот дуќан, Сотир на таа средба признал дека бил во затвор и толку многу го измачувале што морал да признае се и го пуштиле привремено за да ги повлече и останатите. Сотир дополнително му предлага на дедо ми да ја напуштат државата и избегаат во некоја од информбировските земји, предлог кој Никола го одбил достоинствено бранејќи го своето семејство и знаејќи што се ќе го очекува од органите на прогонот следните неколку денови.
Од тој ден започнува агонијата кај дедо ми Никола, соочен со тоа дека ќе биде затворен и измачуван на свои 28 години, ги избегнува сите контакти и преку неговиот шура ја информира мајка си со која бил во лоши односи и баба ми на што се треба да се подготват.
3 месеци после последната средба на 13.5.1951 година, УДБА разбојнички со револвери упаѓаат во домот на мојот дедо и го потиснуваат на земја, се слушаат лелеци на мајка му Флора и баба ми Марија и откако ја превртуваат целата куќа, дедо ми е одведен во локалниот огранок на државната безбедност и од таму дирекно на судење кај горното училиште.
“Се викам Никола Маркоски роден во Крушево од татко Петко и мајка Покса не сум бил осудуван ни под истрага. Татко ми умре кога бев мал. Останавме сираци, јас брат ми и уште 3 сестри не издржуваше мајка ми. Мајка ми беше работничка, ткаеше и дополнително одеше да надничари по бавчите за да не прехрани. Со училиштето завршив по 3 години, немавме пари за да се школувам дополнително и уште како мал почнав да го учам калајџискиот занает. На печалба одев во Лесковец и таму работев како калајџиа. За време на окупацијата работев на крушевското џаде а од 1941 станав дел од партизанските одреди”
Ова е изјавата која ја дал дедо ми Никола Маркоски пред надлежните органи и два дена по притворот следува судење по кратка постапка.
Пресудата “ВО ИМЕ НА НАРОДОТ” ја донесува истиот сатрап на Ченто, судијата Панта Марина во чиј состав влегле Ацев Вангел и Деспотов Тодор.
Во актот се опфатени следните лица од Крушево: Сотир Борјар, Никола Марковски, Јоше Миленковски, Ванда Миленкова, Јордан Шипинковски, Мицко Петковски, Трајан и Ружа Павловски.
Сотир, Никола, и Јоше се осудени на строги затворски казни во траење од по 8 години и одземање на граѓанските права од по 3 години за дејствија против народот и државата.
Останатите се осудени на помали затворски казни за потпомагање.
Дедо ми е сместен во соба број 6, првично во Идризово, сместен е заедно со затвореници кои извршиле тешки кривични дела, како грабежи и убиства. Константно е под притисок од властите и поради неговите одбивања да издаде информации за негови блиски, во вагон а потоа врзани еден за друг со синџири префрлани на брод, на идентичен начин како што пристигнале Пируза, Брашнаров, Фотеви, Соколов, Полежиновски и останатите борци во НОБ и Асномци, испратен е на Југословенскиот логор Голи Оток во Хрватска. Работи на каменоломот во вон човечки услови, според податоците на голооточките здруженија, и живите сведоци од Голи Оток, голооточаните патувале по неколку дена додека да стигнат на островот. Сите физиолошки потреби биле принудени да ги извршуваат на бродот во кабината во која биле заклучени, при што се ширела огромна неподнослива миризба. Откако ќе пристигнеле на островот прегладнети биле влечени за синџирот еден под друг и процедура била да поминат низ 2 строја од останатите затвореници на островот, а останатите затовореници во стројот со цел да докажат дека се превоспитани мавале кој со што ќе стигне по новодојдените голооточани. Тоа била тактика на оперативците на УДБА со која требало да функционираат затворениците на островот, односно ги принудувале да се тепаат едни со други. Тој строј нажалост на своите стари години не успеал до крај да го помине Потпретседателот на АСНОМ, Панко Брашнаров паднал по првиот удар со камен во глава и одведен бил во амбулантата каде починал по неколку дена.
Животот на Голи Оток како што пишува големиот Венко Марковски бил пекол. Затворениците често дехидрирале затоа што им следувала само по половина чаша вода дневно, па често се случувало дел од нив да ја пијат сопствената урина или да ја користат водата која била наменета за миење на нозете. Има премногу смртни случаи на островот како последица на топлотен шок и дехидратација. Оперативците на УДБА лешовите или ги фрлале во море, или ги закопувале во масовна гробница, или ги оставале под камењата каде претставувале храна за птиците. И во периодот кога им давале пауза, затворениците не смееле да седнат, туку клечеле и биле принудувани со два камења да ги маваат еден од друг. На Голи Оток сите спијале на земја во голема соба, без прекривки или било какви услови за одмор.
Тоа било УДБА, тоа било режим, тоа било загрозување на човечки права и живот вон кучешки услови.
Дедо ми не си го видел семејството цели 5 години, а она што се случувало во мојата куќа било идентично ужасно како ужасот што го живеел Никола на островот.
Членовите на семејството биле деградирани и делегитимирани како членови кои се поврзани со голооточанин и противник на државната власт. Не им следувала државната помош која тогаш ја давал комунистичкиот систем и живееле во невидена сиромаштија. Одземани им биле многу од граѓанските парава, и во институциите имале пристап како граѓани од втор ред, како членови на семејство на еден анти државник. Врз баба ми често вршеле притисок да се премажи затоа што нејзиниот сопруг е злосторник и заггрозувач на државната безбедност, а од неговата мајка барале да се откаже од својот син.
Ослабен, изнемоштен, со изменет лик преживувајќи ги сите злосторства на системот, преживувајќи го Гол Оток, во 1956 година на голема врата во Крушево се појавил некогашниот силен Партизан, комесарот на НОБ Никола Маркоски.
Изнемоштен и немоќен, но никогаш превоспитан. Со истиот ум, со истиот темперамент, со истата тврдоглавост дека државата е диктаторска прчија и дека Советскиот Сојуз помогнал да се ослободиме во војната. Дека институциите се полни со окупаторски дезертери кои слугувале на фашистите. Со истите информации дека партизаните знаеле само за Сталин а за Тито дознале после ослободување.
Иако живеел нешто посмирен живот во останатиот период, дедо ми е следен од локалниот огранок на УДБА се до неговата смрт. Десетици службени белешки кои ги поседувам, сведочат дека УДБА го следела и по кафани и кога се шетал низ коријата, го следеле со кого се дружи, што јади, за што разговара, со кого се среќава и тоа го правеле оперативците и нивните соработници кои претежно биле вработени како келнери по ресторани или работници во неки од претпријатијата кои егзистирале на територијата на Крушево, во секој случај имиња нема да спомнам од хигиенски причини затоа што дел од нив се сеуште живи.
Следен е се до спуштање во неговиот гроб, каде и таму присуствувал оперативец на државната безбедност за да се увери дека Никола Марковски е во ковчегот. Ова е заведено во службената белешка под број 511.
“На 15.09.1923 година во Крушево, Почина Маркоски Никола, приврзаник на РИБ и заведен под лично досие Н-08495, над него беше предвидена и мерката упатување на боравок. Имајќи ја фактичката состојба, ќе биде избришан од активните евиденции во службата за државна безбедност” – стои во последната белешка кога е затворено досието.
Ова што го пишувам е еден период кој се игнорира со години. Со надеж за зачувување на колективната меморија, го пишувам овој текст да сведочи за еден настан и за една човечка трагедија впишана во крушевската историја.
Љупчо Маркоски