Украина е подготвена да преговара за неутрален статус со Русија, кој мора да биде гарантиран од трети земји и да се стави на референдум, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју на руски јазик со неколку руски новинари. Тоа му претходи на почетокот на украинско-руските преговори во Турција.
Украинскиот претседател истакна дека нема да преговара со Русија за демилитаризација и денацификација, додавајќи: „Гаранција за безбедност и неутралност, за статусот без нуклеарно оружје на нашата земја, ние сме подготвени да разговараме за ова. Ова е клучна точка, а принцип за Руската Федерација. и колку што се сеќавам, затоа започна војната“.
Мировните преговори меѓу Русија и Украина се очекува да започнат утре во Истанбул, откако беше договорена средба меѓу претседателите на Русија и Турција. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва гледа шанса за мировен договор, додавајќи дека таа ги полага своите надежи во западните земји наместо во украинската делегација: „Се уште гледам шанса за договор. Нашите западни партнери сфаќаат дека направиле големи грешки многу години, иако веројатно нема да го признаат тоа од очигледни причини“.
Лавров јасно стави до знаење дека е потребна средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Владимир Зеленски, но не сега, туку само откако ќе се постигне договор за клучните прашања за Москва.
Во меѓувреме, секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Николај Патрушев увери дека целта на специјалната воена операција назначена од Москва во Украина не е промена на власта во Киев.