Приватна клиника за пластична хирургија во германскиот град Минхен одлучи да не прима Руси и Белоруси поради кризата во Украина.
Клиниката во Минхен соопшти дека „нема да прима руски и белоруски граѓани до понатамошно известување, бидејќи најостро ја осудува инвазијата на руската армија со помош на белоруската влада“.
Ваквиот гест најостро го осудија корисниците на социјалните мрежи, кои изјавија дека лекарите од таа клиника не се придржувале до Хипократовата заклетва и дека шират омраза.
Затоа клиниката објави нов оглас на својата веб-страница и социјалните мрежи, јавуваат германските медиуми.
„Нашата намера беше да покажеме сочувство кон украинскиот народ и да ги прекинеме деловните врски со Русија во знак на поддршка. Многумина го критикуваа нашиот потег и ние целосно ги прифаќаме тие критики. Далеку од тоа што сакаме да ги дискриминираме пациентите поради нивното потекло и се извинуваме за таквиот впечаток“ , велат од клиниката. Сепак, не појаснија дали останува на сила одлуката да не се примаат пациенти од Русија и Белорусија.