Што ќе се случи ако Русите престанат да испорачуваат гас во Европа?

САД, Велика Британија и ЕУ најавија дека ќе го ограничат увозот на руска нафта. Овој потег уследи откако Русија предупреди дека може да го прекине снабдувањето со гас за европските земји доколку се воведе забрана за продажба на руска нафта, јавува Би-Би-Си.

Соединетите Американски Држави најавуваат целосна забрана за увоз на руска нафта и гас откако Украина повика на проширување на санкциите. Обединетото Кралство постепено ќе престане да увезува руска нафта до крајот на годината, а ЕУ го намалува увозот за две третини. Владата на ОК вели дека тоа им дава доволно време да најдат алтернативни добавувачи.

 

Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека отфрлањето на руската нафта ќе доведе до „катастрофални последици за глобалниот пазар“. Цените на нафтата и гасот веќе нагло пораснаа и може уште повеќе да пораснат доколку Русија престане да извезува.

 

Колку нафта извезува Русија?

Русија е трет најголем производител на нафта во светот, зад САД и Саудиска Арабија. Од приближно пет милиони барели сурова нафта што ги извезува секој ден, повеќе од половина оди во Европа. Соединетите Американски Држави се помалку зависни, со околу 3% од нафтата увезена од Русија во 2020 година.

Што е со алтернативните извори на нафта?

Бен Меквилијамс вели дека би требало да биде полесно да се најдат алтернативни добавувачи на нафта отколку гас, бидејќи нема толку многу цевководи. Дел од нафтата доаѓа од Русија, но има и големи количини од други земји. Соединетите Американски Држави бараат од Саудиска Арабија да го зголеми производството на нафта, но земјата досега ги одбиваше американските барања за зголемување на производството со цел да се намалат цените на нафтата.

 

Саудиска Арабија е најголемиот производител во ОПЕК, нафтен картел кој произведува околу 60% од суровата нафта што се тргува на меѓународниот пазар. Затоа, ОПЕК има клучно влијание врз цената на нафтата. Русија не е во ОПЕК, но со неа соработува од 2017 година за поставување ограничувања на производството на нафта со цел да се контролира заработката за производителите.

Соединетите држави, исто така, имаат намера да ги олеснат санкциите за нафтата на Венецуела. Венецуела порано беше клучен американски снабдувач на нафта, но во последно време најмногу ја продава својата нафта на Кина.

Што би се случило доколку рускиот гас престане да доаѓа во Западна Европа?

Уште повеќе би се зголемиле и онака високите цени на парното. Рускиот гас сочинува околу 40% од увозот на природен гас во ЕУ. Доколку овој извор пресуши, Италија и Германија би биле особено ранливи. Европа би можела да се сврти кон други извозници како Катар, Алжир и Нигерија, но постојат практични пречки за брзо зголемување на производството во тие земји.

 

На Русија отпаѓа само околу 5% од британскиот увоз на гас, а САД воопшто не увезуваат руски гас. Сепак, цените во Обединетото Кралство и САД сепак значително се зголемија поради штетното влијание на послабата понуда.

Може ли да се најде алтернатива за рускиот гас?

Не е така лесно.

„Потешко е да се сменат добавувачите на гас бидејќи ги имаме овие големи гасоводи кои носат руски гас во Европа“, рече Бен Меквилијамс, аналитичар за енергетска политика.

Аналитичарите веруваат дека Европа би можела да увезе повеќе течен природен гас (LNG) од Соединетите Држави доколку Русија ги прекине испораките. Исто така, може да ја зголеми употребата на други извори на енергија, но не е ниту лесно ниту брзо.

„На обновливите извори им треба време за да се стават во употреба, така што тоа не е решение на краток рок. Значи, она што може да направи разлика за следната зима е промената на горивото, односно отворањето на електрани на јаглен, како што планираат да направат Италија и Германија во случај на итност“, вели аналитичарот Симоне Таљапитра.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа