- Византиските документи јасно потврдуваат дека во времето пред и по раѓањето на светите браќа Кирил и Методиј, доминантно население во нивниот роден град Солун биле потомците на античките Македонци!
- Зошто кај нас мнозина учени се плашат да го спомнат македонското етничко потекло на светите браќа?
Во овој текст ќе спомнеме неколку размислувања во врска со етничкото потекло на светите браќа Кирил и Методиј. Во нашата официјална историографија (училишни учебници и сл.) се учи дека по доаѓањето на т.н. „Македонски Словени“ од нивната прататковина зад Карпатите, некои од нив се населиле во Солунско и, во средината на 9 век, светите солунски браќа Константин (Кирил) и Методиј, како на туѓ народ, им подариле азбука. Уште и се учеше дека нивниот татко Лав бил „Грк“, но дека нивната мајка Марија (најверојатно) била „Словенка“, па оттаму тие го знаеле словенскиот јазик. Навидум нема ништо чудно во сето ова и ваквата теорија се пренесуваше и препишуваше низ генерациите историчари и публицисти, без некои посериозни и посеопфатни обиди за преиспитување на истата. Но, доволно е оваа теорија да се проанализира во малку поширок контекст на настаните од тоа време за да се откријат неколку крупни нелогичности во неа.
Да почнеме со таткото на Светите браќа по име Лав. За потеклото на светите браќа, во Житието за Методиј, се вели:
„Од таткова и мајчина страна тој (Методиј) не беше од прост род, туку од многу добар и чесен – познат прво на Бога и на царот и на целата Солунска област – како што се гледаше од неговиот телесен образ. Поради тоа и реторите го сакаа од детството, уште и зборуваа со почит кон него, до кога пак царот, штом научи за неговата бистрина, му даде да управува словенско кнежетво – би рекол како да предвидуваше дека ќе го испрати за учител на Словените и прв архиепископ, та да свикне со сите словенски обичаи и постепено да ги засака“.
Во Житието за Константин уште подецидно е определено потеклото на светите солунски браќа. Овде читаме:
„…Во градот Солун имаше еден маж од благороден род и богат, по има Лав, којшто заземаше чин на друнгариј потстратег… Живеејќи со својата жена изродија седум деца. Седмото, најмалото дете беше Константин, наш учител и наставник.“
Од овие извадоци од „Панонските легенди“ сосема јасно се гледа дека Константин и Методиј потекнувале од старо угледно солунско христијанско семејство, чиј татко имал висок воен чин во Византија. Впрочем, Константин како дете се дружел исклучиво со децата на богатите солунчани, што исто така зборува за неговото градско солунско потекло.
Денес, некои македонски историчари сметаат дека таткото на светите браќа по име Лав бил етнички „Грк“ (!?), а така тврдат и историчари и публицисти од други држави. Дека ваквото тврдење е бесмислено ќе докажеме во продолжение.