Според сведоштвото од 1934 година на Стар Илинденец (псевдоним) откриено своевремено од д-р Михајло Миновски, Гоце Делчев, непосредно пред да започне битката во Баница во која загинал, му рекол на Карчо: изгледа дека сме предадени од Софија. Ете зошто спасот не е возможен
Андреј Хрлев, благајникот од Броди кој е еден од најспоменуваните како предавик, три децении подоцна ја отворил душата и напишал дека четата на Тефиков ја предводеле двајца врховисти
Но, лондонски Тајмс пишува за загинувањето на „македонскиот револуционер“, предаден од “„грчки шпион“
Дарко ЈАНЕВСКИ за Денешен.мк
Сто и седумнаест години по смртта на Гоце Делчев, се уште не може со сигурност да се каже кој го извршил предавството, чин кој за нашата историска наука, за разлика од бугарската, не е спорен. Еден од последните трагови во оваа насока, е своевременото откритие на д-р Михајло Миновски кој при истражувањата во Софија дошол до еден текст во весникот ‘Македонско знаме’ од 1934 година во кој е отпечатено сведоштво на учесник во Илинденското востание. Сведокот, како пријател на Карчо од Кукуш (Георги Думчев Карчо, загинува со Даме Груев во декември 1906 г.) придружник на Делчев во последните часови од неговиот живот, имал привилегија од него да ги чуе размислувањата на војводата непосредно пред смртта, меѓудругото и за тоа кој можниот предавник на четата. Еве што Стар Илинденец, како што пријателот на Карчо се претставил во ‘Македонско знаме’ во 1934 година, очигледно плашејќи се за својот живот дури и во тие години, раскажал во весникот:
„На 21 април 1903 година (според стариот календар, н.з.) дошле селаните за да му кажат на Гоце дека селото е опколено од многуброен аскер. Постојаниот придружник на Гоце, нему преданиот Карчо родум од Кукуш, му предлага на Гоце да излезе и да ја види положбата на војските, да откријат послабо бранет пункт низ кој би можеле да се извлечат од опсадата. Гоце му одговорил со следните зборови:
‘Карчо, ако бевме предадени од овде, ќе најдевме можност да излеземе од опсадата, но изгледа дека сме предадени од Софија. Ете зошто спасот не е возможен, па затоа напред, следете ме, да излеземе и да ја примиме битката со таква решителност што нашата крв скапо да ги чини непријателите’.
Според мислењето на Карчо искажано пред мене, како пред личен пријател, Гоце по заминувањето од Софија бил многу нерасположен и постојано повторувал дека неговите противници нема да избираат средства за да го расчистат својот пат. Зашто Делчев, како голем авторитет, ползувајќи се со влијанието пред револуционерните дејци од внатрешноста, знаејќи им ги намерите… можеше да ги попречи нивните планови’, раскажувал Стар Илинденец во 1934 година.
СЛЕДЕН ОД СОФИЈА
Станува збор за аргументација што ја следи д-р Миноски и според која Делчев бил следен по налог на бугарската власт веднаш по напуштањето на Софија и тргнувањето на неговата последна обиколка низ Македонија. Всушност, за нашата историска наука не е тајна дека официјална Бугарија не го сакала премногу Делчев кој, настрана што не се согласувал со одлуката за кревање масовно востание, туку претставувал генерална пречка за улогата на врховистите во Македонија.
Во рамки на мотивите на бугарските приврзаници да го предадат Делчев на Турците влегува и непосредниот судир околу солунските атентати, во врска со што Иван Гарванов, тогашен челник на ТМОРО (кој според д-р Миноски е експонент на бугарската влада) и Делчев биле на спротивните страни. Таа епизода од македонската историја, која се случувала додека Делчев и Груев во солунската гимназија ја имале последната средба, можеби најдобро го отсликува судирот кој владееел во Организацијата меѓу двете струи. Расцепот бил толкав, што дури и Ѓорче Петров не гледал ништо чудно во можноста Делчев да бил предаден од врховисти вметнати во самиот ЦК.