Со други зборови

Ревизорот на Гогољ во лавиринтот запрашен со лакомост

„Ревизор“ на Николај Василевич Гогољ претставува врвно сатиричен ремек дело што го разобличува гнилежот на бирократскиот апарат преку генијална драма на заблудата.

Приказната започнува со ненадејната вест дека во едно изолирано, провинциско селце доаѓа таен царски Ревизор, што кај локалната корумпирана елита во провинцијава предводена од бахат градоначалник предизвикува парализирачки страв од разоткривање на нивните лукративни злоупотреби, неспособност и институционален хаос почнувајки од хигиеничар, поштар па се до градоначалникот.

Во состојба на општа паника и помрачена свест, чиновниците грешно го препознаваат посакуваниот страшен суд во ликот на Иван Хлестаков. Овој таканаречен Хлестиков е ситен, безпаричен патник и површен коцкар кој случајно престојува во локалната меана. Ослепени од сопствената совест, сите големци редум започнуваат парада на лицемерството, се тркаат кој подлабоко ќе му се поклони, го облетуваат со лажни почести, го гоштаваат и панично му нудат поткуп под превезот на „заем“, додека Хлестаков, почетно збунет, брзо ја прифаќа улогата и безсрамно го експлоатира нивниот кукавичлук и глупост.

Ова мега дело до некаде ме инспирира да ја напишам оваа моја приказна, можеби замислена, кој знае, како за човек што често знае да потоне во размислување и кој често запаѓа во мал милион сомнежи.

Кога за првпат ја пречекорив тешката дрвена врата на онаа институција, во воздухот се движеа честички како прашина која мирисаше на стара дрвена мусандра заостаната и запрашена, останала од предедовците уште на времето, мирисаше на се, само не на закон, на професионалност или на јавен интерес. Мирисаше на страв, на застоено евтино кафе , не знам нека биде на подрум натрупан со мал милион ствари.

Стапнав внатре без име, но пази ваму, воопшто не планирам да бидам скромен, со титула, со голема кариера, со многу успеси зад себе, а сепак себеси се претставив како сосем обичен посматрач како и секогаш, кој за брзо сфати дека ненамерно упаднал во живо изведување на Гогољевиот „Ревизор“.

Не беше потребно никој да објави дека пристигнал некој важен контролор од престолнината, ајде бе па нека биде и Републиката. Самиот факт што влезе ново лице, човек кој со бистар поглед гледаше во нивниот затворен свет, беше доволен за да ги пушти во погон сите скриени механизми на бирократската паника.

Уште во првите часови, денови, недели, боже мој поминаа и месеци, па помина и една година.  наместо работен ред и протокол, бев сведок на вистински театар на апсурдот. Ходниците оживеаја со шепоти, вратите се отвораа со брзина на светлината, а поединци, со преплашени очи и вештачка и лажна љубезност, почнуваа да се прикрадуваат за да се „кодошат“ едни со други. Секој брзаше прв да го обвини колегата од спротивното ќоше, да си ја спаси сопствената кожа и да ја префрли одговорноста за сопствениот неработник.

Тогаш ја забележав најголемата психологија на нашиот систем. Луѓето кои до вчера, додека беа надвор од тие ѕидови, го колнеа системот, викаа против неправдите и глумеа најголеми борци за правда, оној момент кога се смукнаа зад службеното биро, доживеаја чудесна метаморфоза. Системот за нив престана да биде заедница на граѓани и стана приватно бакалниче наследено од дедо им, да нив ,тие неранимајковци кои ден денес не можат да си го доплатат пазарот за работното место.

Зад секој нивни потег се криеше проѕирен параван од лажен морал, накитен со големи зборови за чесност, етика и професионални вредности кои служеа само како евтина маска за личниот грабеж. Со полна уста зборуваа за принципи и правда, додека со рацете под маса вешто ги гмечеа трошките.

Таа лакомост таложена со години кротко и систематски. Чекор по чекор, преку носење штетни одлуки и лични пазарења,  палата искубана до голо грло, како некоја попарена гогољова кокошка која едвај стои на нозе. Со привилегии делена под маса, со ресурс третиран како лична сопственост,  и со одамна закопани принципи на заслуга.

Во тој систем на изопачени вредности, најпоганиот удар го несоа оние кои треба да бидат иднината. Строго филтрирани и селектирани според нивната класна и социјална позадина. Доколку ги немаа вистинските корени, доколку немаа плава крв, или пак соодветниот заштитник, за нив вратите беа затворени.

Најголемата трагедија на оваа Гогољова драма, сепак, се одвиваше меѓу самиот кадровски потенцијал. Во тоа мое замислено затворено бакалниче на привилегирани медиокритети, се создаде совршена клима за владеење на неранимајковците. Ајде бе си викам, па нели и до вчера беше така, па најглупавите од секогаш биле најгласни поклоници и газолижачи, пе ене ги, се  изредле со чинови, чиниш генерали станале.

Е ама не беше така,.Тука во ова мое замислено бакалче, уф богами па и не е баш бакалче, можеби биртија? Не ,не никако тоа!. Нејсе и неодолговлекувај.

Па драги мои, најголемите неработници и оние со најскромни капацитети, види богати, до вчера тргани за уши, искарани како прваче пред учителка и тивки како мачуленце кое преди да не случајно го растргне хиената која ги наоштрила забите, абе како да ви кажам,  баш оние кои се црвенееле како снаа која го згрешила кафето на свекрвата и оп одеднаш станале гласни полуписмени пцишта, од оние знаете, кои се напрчиле и се намерачиле со бодликав ремен врз вратот. Е баш тие драги читатели, најголемите пакосници и мрзливци, богами преку ноќ станале “борци” за работнички права, користејќи ги законите како штит за сопствената неспособност. Од друга страна, оние ретки, чесни поединци кои дојдоа со искрени намери да работат за општото добро и да го сочуваат достоинството, третирани како крпи за една употреба, казниувани со години, со противзаконски одземани стекнати права, за сметка на овие што “Мајка” искористила да ги награди, затоа што се натпреварувале кој прв ќе ги избрише мрсулите таложени и излепени како врз старо пензионерско шамивче спакувано во џеп. .

Не не, за чесноста  не се добива признание, туку ќе те затрупаат со работата што другите ја избегнуваат, ќе те истуркаат во аглите и ќе те изолираат како опасен елемент што може да го наруши удобниот хаос.

Крајот на оваа драма не бара спектакуларен расплет. Ме мрзи да пишувам, има многу за пишување а од друга страна, да бидам искрен, не го ни знаам крајот на приказната. Како кај Гогољ, каде што сите актери замрзнуваат во моменталната свест за сопствената срамна улога, така и оваа моја замислена бирократија стои замрзната во сопствената лакомост.

Не драги читатели, институциите не ни пропаѓаат од надворешни непријатели или големи светски кризи, туку се урнисуваат одвнатре, изедени од малите луѓе со големи апетити кои во државниот апарат гледаат само гранапче од кое треба да искубат уште едно перо пред  да се распадне гогољовата кокошка.

Љупчо Маркоски

You might also like